Ракомет
17. October 2016 - 19:33

Раул: Ова беше тежок дуел за нас и затоа победата е важна

По четвртиот добиен натпревар во групата во Лигата на шампионите македонскиот првак Вардар со максимални осум бодови е на делба на првата позиција со европскиот шампион Киелце. Вчера беше извојувана победа над ПИК Сегед од Унгарија со 30:27.

На прес конференцијата тренерот на Вардар, Раул Гонзалез изјави:

- ПИК Сегед одигра добар натпревар. Ние не почнавме најдобро во натпреварот, имавме проблеми со одбраната. Во вториот дел ја сменивме, а Милиќ кој беше одличен на голот направи разлика. Сепак ова беше тежок дуел за нас. Задоволен сум од победата, но мораме да продолжиме и треба да триумфираме во Загреб.

Тимур Дибиров беше најефикасниот играч на натпреварот со осум голови.

- Секогаш кога се игра против ПИК Сегед е тешко. Тоа е екипа која тешко се добива со поголема разлика. Нас не не интересира разликата, важни се победите, а победивме голема екипа. За нив е проблем дека имаат 11-12 нови играчи, посочи рускиот интернационалец.

Тренерот на гостите Хуан Карлос Пастор ја честиташе победата.

- Мислам дека одигравме добар натпревар, но сепак недоволно добро да се совлада Вардар. Секој натпревар во оваа група е тежок, а овој беше посебно тежок за нас. Им честитам на Вардар за победата.