Свет
29. March 2021 - 11:32

Растот на Ковид-19 може да го доведе во прашање капацитетот за згрижување пациенти на интензивна нега во Париз

Зголемувањето на бројот на новозаболени од Ковид-19 наскоро може да го доведе во прашање капацитетот за згрижување пациенти на интензивна нега во болниците во Париз.  Таков апел упатија лекари од таа држава кои нагласуваат дека таквата ситуација може ги доведе да изберат кој пациент ќе го спасат.

Таквите предупредувања беа објавени во весникот Журнал ди Диманш, а ги потпишаа неколку десетици лекари од Париз.

Лекарите од 41 париска болница во текстот наведоа дека тие никогаш не биле во таква ситуација, дури и за време на терористичките напади во градот.Лекарите наведуваат дека олеснетите мерки овој месец во Париз и некои други делови на Франција нема брзо да ја стават под контрола епидемијата.

Тие предупредија дека болничките ресурси нема да можат да бидат во чекор со потребите, принудувајќи ги да практикуваат „медицина за случаи на катастрофи“ во следните недели се додека бројот на случаи не достигне врв.

Друга група од девет лекари од одделот за интензивна нега во Париз за весникот „Ле Монд“, исто така, предупреди дека единиците за интензивна нега можеби ќе треба да одбијат некои пациенти.

„Сегашната состојба се движи кон приоритизација – кога е достапен само еден кревет, но двајца пациенти можат да имаат корист од интензивна нега, ние одлучуваме кој од нив ќе биде примен (и евентуално ќе преживее) и кој нема да биде примен (и веројатно ќе умре). Одиме кон тоа“, се наведува во писмото на лекарите.