Македонија
15. September 2021 - 16:44

Расте притисокот врз болниците со ковид пациенти

Не стивнува притисокот врз болниците на Ковид позитивни пациенти.  Во моментот на болничко лекување поради компликации од вирусот има 919 лица. Инфективната клиника и модуларната до неа веќе со денови се полни. Зголемен број на болни кои имаат потреба од хоспитализација имаат и Куманово и Струмица. Во кумановската болница секој ден амбулантски прегледувале од 120 до 150 позитивни или суспектни.

-Во модуларната болница и во инфективното одделение имаме хоспитализирано  63 пациенти, од нив 60 се на кислородна подршка, а во дневната болница имаме 36 пациенти, изјави д-р Снежана Захариева, директор на кумановската болница.

Директорката на болницата вели дека во дневната болница повеќето се помлади пациенти, а меѓу хоспитализираните има и 30 и 80 годишни.

-Имавме еден пациент во модуларната, 30 годишен тој ни беше најмлад пациент, рече д-р Захариева.

На утринскиот состанок во министерството за здравство било констатирано дека во наредниот период може да биде зголемена потребата од хоспитализации, но во Ковид Центрите имало доволно кревети.

-Вирусот во моментов има широка инфекција, во постојана координација и комуникација сме и со епидемиолозите, остануваме да ја следиме ситуацијата и доколку е потребно да се дејствува со нови мерки тоа ќе го направиме, соопшти Филипче преку Фејсбук.

Инаку според угледниот “Економист” Македонија е на трето место во светот  според смртноста од Ковид, но податоците се однесуваат до крајот на јуни кога не беше ни почнат четвртиот бран во кој секојдневно умираат по 30-тина луѓе.