Македонија
27. May 2020 - 16:51

Расте бројот на заразени - три смртни случаи во изминатото деноноќие, Македонија со највисоки бројки во регионот

Продолжува да расте бројот на заболени од Ковид-19, се зголемува и бројот на починати од компликации од вирусот.

Изминатото деноноќие регистрирани се 25 нови случаи од направени 622 тестирања. Најмногу 14 новозаразени се од Скопје. Во меѓувреме уште 3 лица ја загубија битката со коронавирусот. На Инфективна починаа скопјанец на 47 години и пациент од Струга на 58-годишна возраст, а во ГОБ „8 септември” почина 41-годишен жител на Тетово.

Досега во земјава 119 лица починаа од Ковид-19. Според оваа статистика Македонија е на врвот во регионот со 57 смртни случаи на милион жители. Според „Ворлдометерс” сите Балкански земји имаат помалку  починати од кај нас, Словенија 52-ца, Босна и Херцеговина 45, Србија 27, Бугарија 19, Грција 17, Црна Гора 14, а најмалку 11 има Албанија.

Македонија е и на врвот и според бројот на заболени. Досега на 1 милион жители имаме 979 случаи. Пред нас е само Србија со 1284 заразени, а многу помалку заразени од нас имаат сите останати држави во регионот. Албанија 365, Грција 277, Словенија 708, Хрватска 546, Црна Гора 516 и прва објави дека ја победиле епидемијата, а 3 недели немаат заболен.

Од друга страна во споредба со околните земји интересен е податокот дека досега во Македонија направени се 12.702 тестирања, со што е во последната Балксанска тројка. Помалку тестови од нас направиле само Албанија и Бугарија, а трипати повеќе односно 37.494 тестирања имаат Словенците.