Македонија
27. May 2019 - 16:33

Расте бројот на заразени со морбили во Штип

Расте бројот на заболени од морбили во Штип. Од почетокот на годината, кога започна заразата, во првите 3 месеци се регистрирани по еден случај, но во месец мај вкупниот број достигна 27 пациенти со симптоми на морбили.

-И покрај сите напори да стапиме во контакт со одговорните во Центарот за јавно здравје, за јавно да проговарат за епидемијата која зема се поголем замав, добивме одговор дека немаат време да разговараат со новинарите, а ни препорачаа и да не се качуваме во просториите зашто масовно се врши имунизација, па може и ние да се заразиме.

Затоа до јавноста се обратија со кратко соопштение, во кое се наведува дека најголем број од заболените се во возрасната група над 30 години или 22 на број. Три деца на возраст под една година и по едно на 2 и 6 годишна возраст.

Според вакциналниот статус, 4 лица од регистрираните случаи се невакцинирани, додека 13 лица се непотполно вакцинирани или со една доза на вакцина, 3 лица имаат непознат вакцинален статус и 7 лица се со по 2 дози на вакцина и истите се со лесна клиничка слика.

Вакцинирани се 60 лица кои биле во контакт со заболен од морбили, а имунизирани се и 200 здравствени работници. Во моментот на инфективното одделение се хоспитализирани 5 лица со потешка клиничка слика.