Македонија
28. October 2021 - 16:51

Расте бројот на заразени, ќе има ли нов пик во ноември?

Во главниот град заразата со ковид 19 е најраширена во Аеродром. Во оваа скопска општина во моментот има 474 активни случаи. Десетина помалку се евидентирани во Гази Баба и Кисела Вода а големи се бројките на позитивни и во Карпош, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје. Во училиштата засега нема драстичен пораст на инфицирани деца, но временските услови и седењето во затворени училници може да ја промени епидемиолошката слика.

-Не може децата да ги оставиме да седат на промаја, мора да мислиме и на тоа. Како ќе раснат бројките така можеби ќе се применуваат и нови мерки. Очекувањата се дека бројките ќе растат, не мора да биде така, но тие се очекувањата. Луѓето мора да бидат посовесни, да носат маски, вели др. Марија Гочевска, епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Како што растат бројките на новодијагностицирани така се зголемува и бројот на реинфекции. Досега околу 700 граѓани официјално според ИЈЗ по втор пат воделе битка со ковид 19.

-Очигледно е дека нема да остави траен имунитет болеста таква ќе биде постојано. Дали овие лица немале соодветен имунолошки одговор или други биле причините ќе видиме, инаку само мината недела имало 36 реинфекции што е факт што загрижува, вели др. Гочевска.

Она што ги плаши лекарите е што во периодот што доаѓа ќе кулминираат и останатите респираторни инфекции освен ковидот што дополнително ќе го отежнува процесот на дијагностика и лекување.