Македонија
1. March 2021 - 12:39

Расте бројот на заразени и во Гевгелија каде засега не е потврдена британската мутација

Бројот на ново заразени од коронавирус во Гевгелија  во  пораст. За разлика од пред два месеци кога имаше тенденција на опаѓање, од пред десетина дена ковид статистиката во овој регион повторно бележи раст. Речиси секојдневно дневните извештаи одново бележат двоцифрени бројки на нови случаи. асега официјално нема регистрирано присуство на британскиот сој, но, не е исклучена можноста да го има бидејќи истиот веќе е потврден во неколку соседни општини. Според директорот на гевгелиската болница д-р Митко Крџев, непочитувањето на мерките и зголемениот број на социјални контакти се главните причини поради кои ковид сликата повторно се влошува.

„Игнорирање на препорачаните мерки, зголемени социјални контакти, групирања, повторно практикување на домашни забави, крштевки, слави, заминување на рекреативен ски одмор во соседните земји, сето ова придонесува за зголемен број на ново заразени“, вели д-р Митко Крџев - директор на Општа болница Гевгелија.

Дека постои недисциплина кај граѓаните констатирале и од општина Гевгелија. Доколку ваквиот тренд продолжи најавуваат активирање на кризниот штаб и воведување дополнителни мерки. Потсетуваат дека од епидемиолошката слика зависи и отварањето на границата,  која пак има директно влијание и врз локалната економија.

„Колку имаме подобра епидемиолошка слика толку побргу ќе го дочекаме тој момент, а тоа значи враќање на гевгелиската економија во кондиција или полека, полека враќање во нормала. Доколку проценам и бидам известен од центарот за јавно здравје или директорот на општа болница со проширени дејности дека нешто уште по алармантно се случува секако ќе следува кризен штаб со одредени мерки кои сигурно ќе бидат во насока на поголема ригорозност, во насока на санкционирање на ваквите појави“, вели Сашко Поцков, градоначалник на Гевгелија.

Според последната статистика, во Гевгелија има 183 активни случаи со корона вирус. Од нив 5 се наоѓаат на болничко лекување, а околу 40 примаат терапија на дневна болница.