Бизнис
23. March 2019 - 16:41

Расте бројот на работници на црно покажуваат анализите на меѓународните организации

Се зголемува работата на црно во земјава, се наведува во извештајот на Светска Банка и Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Според анализата, минатата година на црно најмногу работеле младите мажи, постарите жени и работниците со пониско ниво на образование. Тоа го потврдуваат и познавачите на пазарот на труд.

“Имаме сива економија, односно т.н. работа на црно која што не ни е евидентирана и тоа повеќе или помалку сите го укажуваат, и работодавачите и синдикатите и ние од страна на самата наука. Се претпоставува дека сивата економија се движи во рамки на пазарот на труд околу 10%. Работата на црно има две компоненти. Првата компонента е онаа вистински работа на црно каде што луѓето не се вработени воопшто и работат надвор од трудово-правниот систем. А другата, би ја нарекол работна шема на сиво, е онаа каде што веќе луѓето се вработени, но се со ниски примања, а покрај редовната работа работат надвор од правните инструменти кои што го опфаќаат регулираниот труд”, вели Лазар Јовевски, професор по трудово право.

Во извештајот стои дека оданочувањето на приходите од трудот во Западен Балкан е високо за луѓето со ниски примања споредено со оние со средни и високи примања. Тоа дополнително придонесува луѓето да работат нерегистрирано.
Иако состојбата со даноците во земјава во последниот период се придвижи, експертите предупредуваат дека негативно ќе влијае на пазарот на трудот.

“Добро, во Македонија сите знаеме дека почнаа да се поместуваат даноците, не само по основ на придонеси на плата, туку и во останатите даночни компоненти да се зголемуваат даночните стапки, што сметам дека негативно и дестимулирачки ќе влијае во делот на работната сила, особено на онаа која што е на маргините и онаа која што е компресирана работна сила која што работи за онаа минимална плата од 12.000 денари нето”, објаснува професорот Јовевски.

Статистиката покажа дека невработесноста во Македонија на крајот од минатата година изнесува 19,4%.