Македонија
19. September 2018 - 16:20

Расте бројот на пациенти со нарушено ментално здравје, а нема нови лекови на позитивната листа

Пациентите на психијатрија ги лекуваат со застарена терапија. Повеќе од една деценија има само еден нов лек за шизофренија на позитивната листа. Но, и тој го добиваат лимитиран број на болни, поради ограничениот буџет од Фондот за здравство. Оние кои приватно го купуваат месечно издвојуваат и по 20.000 денари. Слична е состојбата и со третманот на депресија.

Од Клиниката признаваат дека новите лекови не им се достапни. 

- Во моментов користењето нови лекови не се најдостапни. Има само еден лек од новата генерација што го користиме и за уште еден лек чекаме одобрение од Фондот за здравствено осигурување, истакна д-р Стојан Бајрактаров, директор на Клиниката за психијатрија.

Од друга страна бројот на пациенти со ментални растројства на Психијатрија е во постојан пораст. Годинава во амбулантите имале над 15.000 прегледи, што е за 10 проценти повеќе од лани.

-Во пораст се и растројствата кај децата, додаде Бајрактаров.

Состојбата со менталното здравје во Македонија надлежните ќе ја подобруваат со повеќегодишна стратегија која меѓу другото предвидува реновирање и зајакнување на психијатриските болници, како и отворање повеќе Центри низ  државата. Во моментот ги има 5, а според европските стандарди недостигаат трипати повеќе.