Loading Video...
Балкан
15. July 2020 - 20:12

Расте бројот на новозаразени со Ковид-19 во регионот

Во Србија има 351 нов случај, а починале 11 пациенти. Најголем број заразени има во Белград и  Нови Сад. Властите ги заострија мерките и од денеска граѓаните и надвор задолжително треба да носат заштитни маски. Постои можност и да се забранат собири на повеќе од 10 лица. Српскиот претседател Вучиќ најави дека ќе се обидат да бидат меѓу првите 30 земји кои ќе набават вакцина.

Во Бугарија, пак, во минатото деноноќие се регистрирани 234 нови случаи, а починале 7 лица. Владата ја продолжи вонредната состојба во земјата до 31 јули.

Во тие две држави изминативе денови се одвиваат протести, бидејќи граѓаните се незадоволни од властите.

А, состојбата со Ковид-19 не стивнува ниту во Албанија, каде вчера се регистрирани 85 новоинфицирани, а починале 4 лица, што е причина тамошните власти повторно да ги заострат мерките за заштита.

Новите жаришта ги натераа и хрватските власти да воведат поостри мерки и од денеска е задолжително носење заштитна маска. Таму за еден ден има 92 нови случаи.

Грчките здравствени власти, пак, предлагаат повторно да се воведе обврска за носење маска во затворен простор, бидејќи и таму се зголемува бројот на позитивни случаи поради, како што велат, опуштеноста на граѓаните. Грција пријави 58 новоинфицирани, од кои 34 се странски туристи, најголем дел детектирани на самите гранични премини. Според најавите, Грција засега ќе се обиде да го контролира ширењето на вирусот со воспоставување локални карантини, како и со помасовно или задолжително тестирање на странските туристи.

Црна Гора, пак, има најмногу активни случаи по глава на жител во регионот, односно на 100.000 жители имаат 231 инфициран од Ковид-19. Додека Словенија брои најмалку активни случаи, само 13 на 100.000 жители.