Бизнис
8. October 2021 - 19:39

Расте бројот на милионери но и на лица кои за цела година заработиле 10.000 денари

Најмладиот милионер во земјава има 8 години, најстариот 96. Според податоците од Управата за јавни приходи, лани најмногу заработила скопјанка, чии вкупни годишни бруто приходи надминале 450 милиони денари, што е двојно повеќе од најголемиот остварен доход во 2019 година. Лани над 100 милиони денари оствариле 11 лица, додека речиси 35.000 граѓани живееле со годишни приходи пониски од 10.000 денари.

Додека едни бројат милиони, други со месеци чекаат плата. Директорката на УЈП информира дека заклучно 4 октомври над 5.700 фирми не исплатиле плата за речиси 15.000 вработени. Сите добиле опомени за доцнење со платата, а веќе во вторник ќе се соочат и со блокирани сметки.

УЈП ја проверува работата и на фирмите од текстилна, чевларска и кондиторска индустрија, за кои има голем број поплаки. До сега од 17 завршени контроли, УЈП констатирала неправилности кај 12 даночни обврзници, најмногу по основ на персонален данок.