Македонија
18. јуни 2020 - 16:39

Расте бројот на медицински лица од Штип во домашна изолација

Доктор од итната медицинска помош, позитивен на Ковид 19 смести во самоизолација 6 негови колеги. Иако тие последен пат оствариле контакт во неделата, сепак епидемиолошките анкети покажале дека е рано да се тестираат, односно да се утврди дали се позитивни или негативни на корона вирусот.

-По предлог на епидемиолошката служба сите контакти што се со висок ризик ќе бидат ставени во домашна изолација и под здравствен надзор, изјави Снежана Трајковска, директор на Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип.

Од вчера во домашна изолација се 6 вработени на одделението за неонатологија, поради контакт со заболена медицинска сестра. ПЕ на ПИОМ се уште има клуч на врата поради 7 позитивни случаи. ФЗО беше затворен една недела поради близината на канцелариите со ПИОМ, а сега работи со скратено работно време. Затоа пак, на текстилните работнички им беше направен експресен масовен скрининг. Оние со негативни тестови се вратија на работа. Во моментот во Штип во самоизолација се 440 граѓани.

-Досега за непочитување се изречени 170 казни, но сите се согласивме дека превенцијата како пристап би била многу покорисна мерка од репресивната, изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Во изминативе 24 часа евидентирани се 4 позитивни случаи на Ковид 19 и еден оздравен пациент.