Свет
2. February 2016 - 15:45

Раст на продажбата на автомобили во Германија

Продажбата на нови возила во Германија два месеци по ред бележи зголемување и покрај скандалот со користењето на незаконски софтвер за прикривање на нивото на загадување во автомобилите на најголемиот германски автопроизводител „Фолксваген“, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според германската Асоцијација на производители на автомобили (ВДА), минатиот месец во Германија биле регистрирани 214.400 нови возила, што претставѕва раст на продажбата на годишно ниво за три отсто.

Ваквиот раст е помал во споредба на декември 2015 година, кога продажбата на нови возила беше зголемена за осум проценти споредено со истиот месец претходната година.

Во исто време, производството на возила во Германија се намалило за два отсто, додека извозот на нови возила забележал пад од шест проценти.

Германија со околу три милиони нови возила годишно е рекордер по продажбата во Европа. Во земјата во моментов се возат околу 63 милиони возила, од кои околу 45 милиони се патнички.