Бизнис
28. October 2016 - 14:56

Раст на индустриското производство за 4,6 отсто во септември и 5,4 во првите девет месеци

Индустриското производство во септември годинава, во однос на септември лани бележи раст од 4,6 отсто, додека за периодот јануари - септември 2016 година, во однос на јануари - септември 2015 година, растот изнесува 5,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, бележи пораст од 0,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 4,7 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 21,5 проценти.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во септември 2016 година, во однос на септември 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 6,2 отсто%, Капитални производи за 26,7 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 72,4 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,0 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,3 проценти.