Македонија
13. January 2017 - 17:37

Распустот продолжен до 23 јануари

Второто полугодие ќе почне в понеделник на 23 јануари. Министерството за образование го прифати предлогот на здравство и комисијата за заразни болести зимскиот распуст на учениците да биде продолжен за да се избегне ширење на грипот. Денеска за ваквата одлука, од ресорното министерство ги известиле сите учичишта во Македонија.

- Двата дополнителни дена од зимскиот распуст, 18-ти и 20 јануари 2017, учениците ќе ги одработат во сабота, најверојатно во март и во април, за да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни дена во учебната година, изјави Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука.

Вчера комисијата за заразни болести како дел од мерките против намалување на ширењето на грипот предложи и темелна дезинфекција на сите училишта, пред почетокот на наставата и секоја вечер да се врши темелна дезинфекција на сите градски автобуси не само во Скопје туку и во другите градови во државата.

Според официјалните податоци оваа сезона во Македонија регистрирани се околу 25.000 заболени од грип, но се претпоставува дека бројот е многу поголем, зошто не сите болни одат на лекар. Повеќе од половината случаи се пријавени последните 2 недели. Лабораториски е потврдено дека во земјава циркулира вирус од типот А Н3 Х2 кој како што велат епидемиолозите често мутира и може да предизвика сериозни компликации, пред се воспаление на мозокот. Ова било причина и за смртта на двете деца на 3 и 4 годишна возраст кои починале пред неколку дена на Клиниката за детски болести.

Од Инфективната клиника информираа дека засега кај нив нема тешки случаи со грип и немало пациенти во одделот за интензивна нега, но предупредуваат на внимателност и не ја исклучуваат можноста наредниот период да се јават и граѓани со компликации од вирусот на грип.