Македонија
27. February 2016 - 9:23

Распишан конкурс за студирање на универзитети во Русија

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје распишува конкурс за прием на државjани на Република Македониjа за студии на високообразовни институции во Руската Федерациjа во 2016/2017 академска година. На запишаните студенти од Македонија, руската Влада ќе им обезбеди стипендија и други услови за студирање и сместување какви што се предвидени и за руските државјани.

Заинтересирани кандидати треба да ги поднесат следните документи:
- пријава (Application Form) со приложена фотографија во боја, пополнета на руски или англиски јазик. Образецот на Пријавата може да се симне од сајтот http://www.russia.study/ или од сајтот на Амбасадатаwww.macedonia.mid.ru;
- фотокопии од страниците на пасошот со основните податоци кои се потребни за издавање виза. Пасошот треба да им рок на важење не помалку од 18 месеци сметано од денот на првиот влез во Русија;
- лекарско уверение заверено од официјална здравствена установа;
- потврда за извршен тест за ХИВ-вирусот заверена од официјална здравствена установа;
- фотокопија од документот за завршено образование заверена кај нотар, со листа на наставните предмети и оценки од испитите. Доколку кандидат сеуште го нема добиено документот за завршено образование, треба да поднесе уверение со тековни оценки заверено од својата образовна установа;
- кандидати за аспирантурата (постмагистерски студии) покрај горенаведените документи, треба да достават список на објавените научни трудови (доколку има) и краток реферат на руски јазик по темата на идното научно истражување.

Сите копии треба да имаат превод на руски jазик и да бидат заверени кај нотар. Шифрите и точните називи на одбраната специјалност за пополнување на Пријавата, како и информации за сите државни високообразовни институции на Руската Федерација кои учествуваат во програмата, се достапни на сајтот http://www.russia-edu.ru/.

Пријавата се пополнува во електронска форма и се поднесува со приложени скенирани документи непосредно на сајтот http://www.russia.study/ (потребна регистрација). Истите може да се поднесат и на хартија до Амбасадата на Руската Федерација.

Рокот на пријавување е до 20 март 2016 година.

Сите уредно пријавени кандидати ќе бидат поканети за интервју кое ќе се одржи на 21 март 2016 година. Оригиналните документи чиишто копии ќе бидат поднесени за учество во конкурсот треба да се достават до Амбасадата не подоцна од денот на одржувањето на интервјуто.

Конечната одлука за прием на кандидатите кои успешно го поминаа конкурсот, ја донесуваат самите образовни установи (факултети) за кои кандидатите аплицирале во своите пријави. Секој кандидат може да аплицира за обука во најмногу 6 универзитети. Доколку кандидат, од кои било причини, биде одбиен од сите образовни установи за кои аплицирал во својата пријава, за местото на неговите студии (факултет) ќе одлучи Министерството за образование и наука на Руската Федерација.

Познавањето на руски јазик не е задолжително за пријавувањето. Кандидатите кои не го знаат доволно рускиот јазик, имаат право да го учат на подготвителни факултети во државните високообразовни институции на Руската Федерација според дополнителна програма. Обуката трае една година, не се вклучува во рокот на студиите по основната образовна програма и е на трошок на руската страна.

Руската Влада не ги покрива патните трошоци на кандидатите. Образовните институции (факултети) немаат обврска околу обезбедување престој во Русија на членовите на семејствата на странските студенти, постдипломци или стажанти.

За добивање виза кандидатот треба да се запознае со финансиските услови за престој во Русија и да го потврди тоа со својот личен потпис.

Подетални информации за условите на доделување државни стипендии за студии во високообразовни установи на Руската Федерација се достапни на сајтот: http://минобрнауки.рф/ или http://rs.gov.ru/.