Македонија
14. August 2016 - 15:00

Расчистени сите улици во Инџиково, во најголем дел извршена дезинфекција

Сите улици во Инџиково се расчистени, во најголем дел од куќите е извршена дезинфекција, а потоа ќе следува и дезинфицирање на дворовите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Грувески денеска ги посети жителите на Инџиково со цел да се информира до каде се работите со санацијата на штетите од поплавите. 

На средбите мештаните изразија благодарност за преземените активности и мерки од страна на централната и локалната власт и вклученоста на полицијата и армијата за расчистување на теренот.

Жителите на средбите најмногу се жалеа на штетите во домовите, бидејќи целосно е уништена нивната покуќнина, подрумите и нивните возила. Груевски ги информираше дека Владата веќе има донесено мерка за сто процентно обесштетување на настанатата штета од поплавите.

- Денеска Владата објави одлука дека ќе има сто отстотно обесштетување. Доколку немате каде да ноќевате, каде да се сместите привремено има обезбедено времено сместување, изјави Груевски, во разговор со дел од жителите на Инџиково.

Граѓаните изразија голема благодарност за поддршката во санацијата на штетите на теренот од поплавите.

- Секоја чест. Досега се најдобро организирани, помош имаше од полицијата, а од армијата беа донесени пумпи, рече граѓанин на Инџиково.

Локалното население побара и да се обезбеди агрегат кој постојано ќе биде лоциран во препумпната станица во селото Инџиково, а која ги собира фекалните води од селата Арачиново, Црешево, Стајковци и други население места.

Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски, во чија надлежност е општина Инџиково информира дека за таа цел веќе е разговарано со ЈП „Водовод и Канализација“ кое ќе го обезбеди агрегаторот. 

Од жителите беше побарано и да се асфалтира и патот во должина .

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски информира дека за таа цел со ребаланс на буџетот ќе бидат наменети средства и ќе биде распишан тендер, а изградбата на улицата ќе почне во почетокот на следната година.

Градоначалникот Трајковски соопшти дека општината веќе помогнала на две фарми, едната за одгледување пилиња, а другата за крави, со обезбедување на агрегати со цел да се спаси добитокот.