Македонија
6. April 2020 - 16:57

Рапидно расте бројот на заболени во Кочани

Брз пораст на лица позитивни на Ковид 19 во Кочани. За неполна недела вкупниот број се зголеми на 14. Медицинарите, кои се дел од општинскиот кризен штаб, предложија лицата што се заразени, самите јавно да го соопштат тоа, за да знае секој што доаѓал во контакт со нив како да се однесува понатаму. Тие сметаат дека во тоа нема ништо срамно, напротив е многу солидарно, а и ќе се избегнат шпекулациите по социјалните мрежи.

Епидемиолошката анкета во Кочани покажала дека има 3 жаришта, од кои едното е во Зрновци. Се стравува дека епидемиолошката слика ќе има многу поширока рамка, имајќи впредвид дека починатото лице поради природата на неговата дејност, имало контакт со повеќе сограѓани.

Од Центарот за јавно здравје ги очекуваат резулатите од тестовите на 60 граѓани и стравуваат дека бројот на заболени рапидно ќе се зголеми. Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, побара од јавниот сектор во целата општина да го искористи до 31 мај остатокот од годишниот одмор за 2019-та и првиот дел од 2020 година, онака како што препорача и Владата. Упатуваме апел до сите продажни места, маркети, банки, подобро да ги организираат своите услуги, за да се ограничат можностите за контакт и ширење на коронавирусот, соопшти градоначалникот Илијев. Општината им наложи на сите маркети, наплатни центри и банките да организираат редарска служба заради почитување на социјалната дистанца и намалување на метежот што се создава пред нив.