Македонија
24. September 2020 - 16:38

Рангелова ослободена од одговорност, Фетаи бара казна затвор за Груевски и Јанакиески за шамарите во Центар

Обвинителката Фатиме Фетаи ја ослободи од одговорност поранешната пратеничка Даниела Рангелова за судскиот предмет „Шамарите во Центар“. Изведените докази не укажувале дека таа го сторила кривичното дело насилство за кое претходно ја обвини. Рангелова смета дека правдата излегла на виделина и најави пресметка со тие што ја обвиниле за пазарење.

„ Сега си ја докажав правдата и сега можам слободно да се пресметам со тие што ме обвинуваа. Со овие аргументи сега, излегува токму спротивното – она што го тврдеше Мицкоски и компанија, сега можеме лично да се пресметаме на еден дуел“, изјави Даниела Рангелова.

Освен Рангелова, од обвинение се ослободени уште Борче Богдановски и Милан Андоновски, за кои од обвинителството велат дека тие не сториле насилство.

Обвинителката Фетаи во својот завршен збор побара алтернативна казна за уште еден обвинет, додека за Никола Груевски и Миле Јанакиески предложи максимална казна која изнесува пет години затвор.

Според одбраната, со измената на обвинението се менува и основата за кривична одговорност кај останатите обвинети.

„Овде не може да има насилство, овде може да биде учество во толпа, но тоа што е застарено гонењето таму, сега сака да се припише на сосема друга правна кфалификација со која што се обидува обвинителството, а ќе видиме судот што ќе одлучи“, изјави Еленко Миланов, Адвокат.

Адвокатите на Никола Груевски и Александар Трајковски во своите завршни зборови побараа нивно ослободување од вина оти не се докажало дека тие стојат зад протестите пред општина Центар во 2013-та.

Судењето продолжува во понеделник со завршни зборови на Миле Јанакаиески и уште четворица обвинети.