Балкан
7. July 2017 - 8:44

Рама: Нема да го бојкотираме Мета


Албанскиот премиер Еди Рама во првиот настап во медумите по изборниот триумф, потврди дека социјалистичките пратеници на 24 јули ќе присуствуваат во Парламентот на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на државата Илир Мета.

На тој начин, како што јави дописникот на МИА, тој ги демантираше информациите во дел од медумите дека социјалистите ќе ја бојкотираат инаугурацијата.

Рама исто така потврди дека нов претседател на Парламентот ќе биде Грамоз Ручи.

- Бидејќи ме прашувате дали Грамоз Ручи ќе биде новиот прв парламентарец, мојот одговор е 100 отсто „да“, рече Рама гостувајќи синоќа во емисијата „Топ стори“ на тиранската телевизија Топ чанел.

Кусо по парламентарните избор,одржан на 25 јуни, Грамоз Ручи се споменуваше како име кое ќе го замени досегашниот претседател на Парламентот, Илир Мета.

Рама најави и дека Албанија новата влада ќе ја добие во септември и оти нејзината одговорност е многу поголема, бидејќи треба да ги исполни барањата на Албанците.

- Верувам дека победата е на сите Албанци, а мој е само товарот на одговорноста. Луѓето ни ја дадоа довербата, бидејќи веруваат дека ја заслужуваме, посочи Рама, одбивајќи да шпеклира со имиња на нови министри.