Балкан
30. August 2020 - 13:13

Рама: Не постои никаков таен договор за морската граница со Грција

Албанскиот премиер Еди Рама тврди дека нема таен договор за границите меѓу Албанија и Грција и оти не може да има бидејќи таквите нешта немаат никаква вредност ниту над морето а ниту над копно сè додека се тајни.

Додава дека се прават договори за кои се преговара со години, кои се објавуваат во јавноста и имаат вредност само кога ќе го положат тестот на уставните институции на државата.

Реакцијата на Рама преку објава на Фејсбук следува по лавината реакции и обвинувања од страна на опозицијата, познати личности од оваа област, како и граѓанскиот сектор, дека „им го подарил морето на Грците и оти за тоа веќе има таен договор“.

– Дали сте виделе потпишани и со печат официјализирани документи за ова море што сум им го продал или подарил? Не, не сте виделе, бидејќи не постои. Ако имаше, ќе излезеше и како може да има таков договор со потписи и печат а јас да не знам или како јас можам да поддржам нешто ако го загрозува националниот интерес на Албанија! Кој ја игра оваа игра со вас, ќе ве направи глупави, бесрамно исмевајќи се со вашите чувства за да профитира политички од изопаченоста што тој има намера да ви ја предизвика, допирајќи ги вашите чувства, напиша Рама во објавата,која всушност е одговор на сите кои го обвинуваат.

Тој вели дека говорот на грчкиот премиер во Парламентот нема никаква врска со територијалните води на Албанија, со каков било договор меѓу Грција и Албанија или со каква било работа со Албанија поврзана со правото на Грција за кажаните 12 милји.

Посочува дека со неговиот грчки колега сè уште не разговарале околу ова прашање, ниту на нивната прва средба во Њујорк, ниту на втората средба во Атина, ниту во телефонски разговори.

Рама вели дека владите на двете земји воопшто не разговарале околу тоа уште од моментот кога Мицотакис дошол на власт и оти „разговорите за морската граница што се одвиваа со претходната влада останаа недовршени“.

– Ние сакаме да постигнеме договор со Грција за ова прашање, како што сме постигнале и треба да постигнеме и други. Ние ја сметаме Грција за еден од трите најблиски стратешки партнери на Албанија, заедно со Италија и Турција. Ние немаме територијални претензии кон Грција и Грција нема кон нас, но имаме меѓусебни претензии за нашите сонародници кои живеат во едната или другата држава, на кои, заедно, двете влади, со конструктивен дијалог и човечко разбирање, пред сè, треба да им ги обезбедиме нивните права, напиша Рама.

Потсетува дека токму неговата Социјалистичка партија, која тогаш беше во опозиција се спротивставила на потпишаниот договор за обележување на морската граница, кој потоа беше оценет како антиуставен.

– Тоа беше договор, потпишан од Демократската партија, која сега се прави и слепа и глува при очи и уши за прашање кое е многу едноставно да се разбере. Договор потпишан од Љуљузим Баша, со благослов и јавна заштита на Сали Бериша и Илир Мета. Договор кој го загрозуваше националниот интерес. Ние го раздвижиме Уставниот суд кој потоа, знаете каква одлука донесе, го поништи, додава Рама.

Договорот за поморското разграничување и за обележување на границата во април 2009 година, во Тирана, го потпишаа тогашните шефови на дипломатиите на двете земји, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, во Тирана. Експертите од оваа област тврдеа дека Бериша на Грција „и подарил“ над 200 квадратни километри морска територија, што и припаѓа на Албанија, каде се смета дека има големи наоѓалишта на нафта и гас.