Балкан
1. May 2017 - 8:58

Рама дава два дена на опозицијата да се јави за изборите, Баша остро возврати

Албанскиот премиер Еди Рама, му порача на лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша дека има рок од 48 часа, тој и ДП да одлучат дали ќе учествуваат или не на парламентарните изборите на 18 јуни.

- Имате 48 часа (до вторник навечер) да доставите кандидатски листи за изборите. Доколку во следните два дена не доставите кадидатски листи, законски е неможно да учествувате на изборите, посочи Рама.

На повикот експресно реагираше Баша, преку својот профил на фејсбук, каде на Рама му сугерира да не се преправа дека има „мака“ со ДП, бидејќи „опозицијата никогаш не може да биде купена од премиерот“.

- Целата кариера на Еди Рама е изградена со купување на сите и на сешто,партијата, сојузниците, партнерите, бизнисите, медумите, граѓанскиот сектор. Со „добивките“ од давањето дозволи за градба и концесиите, со државни пари Еди Рама го купи сопствениот пат до власта. Единствено нешто што не може да го купи е Демократската партија, напиша Баша.

Тој става јасно до знаење дека опозицијата нема да учествува на изборите, бидејќи таа ја избрала слободата, плурализмот, вистинската демократија, зашто, како што вели Баша, е праведна кауза, најголема услуга за народот и за европската иднина на Албанија.

Според Баша, по оваа битка ДП ќе излезе посилна и нема да биде „една историја од минатото“, како што смета Рама, додека Албанија ќе биде Нова Република, вистинска и прозападна.