Балкан
26. August 2021 - 12:34

Рама: Албанија ќе прими околу 4.000 Авганистанци

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за Си -Ен -Ен рече дека земјата ќе прими околу 4.000 Авганистанци и дека не се работи за религија или боја, туку за луѓе.

Рама рече дека Албанија треба да обезбеди засолниште и доверба за бегалците во време на криза, пренесе „Косев“.

– Не станува збор за вера или боја, туку за луѓе, ние мора да им дадеме засолниште … Како можеме да дозволиме овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме на примање на нив, ќе ги има околу 4.000 – рече Рама.

Тој посочи дека одлуката на албанската влада да им помогне на Авганистанците не е од религиозна природа, додавајќи дека фактот дека Албанија и Авганистан се претежно муслимански земји, нема влијание врз одлуката на владата да прифати бегалци, пренесе „Газета експрес“.

– Јас сум католик. Мојата сопруга е муслиманка. Двете постари деца се православни. Нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера. Тоа се луѓе без разлика на бојата на кожата, културата или верата – изјави Рама.

Според него, доколку Европската унија и САД одлучат да ја повлечат поддршката за авганистанските бегалци, Албанија нема да го стори тоа, туку ќе им обезбеди азил.