Балкан
28. April 2017 - 12:25

Раководството на Косово го осуди насилството во македонското Собрание

Косовскиот претседател Хашим Тачи напиша на Фејсбук дека Охридскиот договор е вистинска рамка за обезбедување демократско функционирање на Македонија, пренесува Танјуг.

- Ги следам со загриженост случувањата во Република Македонија. Го поздравувам изборот на новиот претседател на македонското Собрание, господинот Талат Џафери, и апелирам сите да се воздржат од насилни дејствија, напиша Тачи.

Истовремено, претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Весељи, исто така, го осуди насилството во Скопје и инсистира политичкото раководство во земјата да ги одржи мирот и стабилноста.

- Во интерес на сите луѓе во регионот е да се одржи стабилноста и кризите да се решаваат со политички средства, напиша Весељи на Фејсбук.

Косовското Министерство за надворешни работи во своето соопштение наведува дека внимателно ја следи ситуацијата во Македонија и смета дека насилството врз пратениците е неприфатливо и недемократско.

Движењето „Самоопределување“ во своето соопштение пишува дека насилството во македонското Собрание е извршено со премолчена согласност од полицијата. Партијата соопшти дека се надева оти моменталната ситуација во Скопје нема да прерасне во државен удар или цивилен судир.