Loading Video...
Ракомет
22. October 2018 - 17:57

Ракометарите се собраа за средбите со Турција и Грција

 
 
Машката ракометна репрезентација на Македонија, денеска го имаше првиот собир пред претстојните евро-квалификациски натпревари со Турција и Грција. 
 
Од повиканите 20 ракометари кои се најдоа на последниот список на селекторот Раул Гонзалез, на денешната прва прозивка единствено недостасуваше Филип Талевски кој вчера имаше обврски со својот тим Ранј Некар Левен,  а на останатите ќе им се приклучи вечерва.
 
Македонија е фаворит во дуелите со Турција и Грција, а со тоа и за пласман на  ЕП кое во 2020 година ќе се одржува во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска 2020.
 
„Знаеме дека ние сме фаворити. Но, не треба да се залетуваме. Мора да се фокусираме добро на натпреварите. Треба да играме исто како и секогаш. Среќен сум што сум тука пак. Мора да се спремаме за Турција и Грција и да играме како против најсилните. Не смее да мислиме дека сме фаворити и дека победата ќе дојде“, потенцира селекторот Раул Гонзалез.
 
Ракометарите, денеска и утре ќе бидат во Скопје, а в среда патуваат за Битола, каде ден подоцна (четврток – 25 октомври),  во спортската сала „Боро Чурлевски“, ќе го одигра првиот натпревар против Турција.
 
„Во овие квалификации за ЕП влегуваме како фаворити. Со сета почит кон Грција и Турција, но тоа се селекции против кои мораме да очекуваме лесни победи, секако доколку влеземе во натпреварите онака како што се очекува од нас и одиграме максимално. На овие средби шанса треба да добијат и помладите, но исто така мораат да понесат и одговорност, да си ја зголемат самодовербата во пресрет на СП во Германија“, изјави капитенот Кире Лазаров
 
Почеток на мечот меѓу Македонија и Турција е во 20:15 часот, додека дуелот против Грција ќе се игра во недела на 28 октомври во Кожани со почеток од 16 часот.