Loading Video...
Ракомет
2. January 2020 - 15:54

Ракометарите отпатуваа за Словенија на завршните подготовки за ЕУРО 2020

Македонската ракометна репрезентација денеска отпатува за Словенија, каде ќе ги одработи завршните подготовки за настап на Европскиот шампионат. 
 
20-мината ракометари кои се најдоа на списокот на селекторот Данило Брестовац, меѓу кои и поискусните, Лазаров, Стоилов, Ристовски, Манасков, Талевски.... кои го прескокнаа првиот дел од подготовките, во Словенија ќе ја темпираат формата за шестиот настап на Македонија на Европските првенства. 
 
Според програмата, црвено-жолтоте веќе утре ќе игра контролен натпревар со домаќинот Словенија, а „генералната проба“ пред шампионатот, ќе ја имаат на 5 јануари за кога е закажана пријателската средба против Црна Гора. 
 
Најверојатно по тој натпревар или најдоцна на 9 јануари кога се заминува за Виена, селекторот Брестовац,  ќе реши кои ракометари ќе играат на првенството, на кое премиерниот меч ќе биде на  10 јануари со дуелот против Украина. 
 
Во рамките на виенската „Б“ група, Македонија за противници ќе ги има и Чешка на 12-ти, односно ко-домаќинот Австрија на 14 јануари.