Свет
17. November 2017 - 23:20

Рахој ќе ја почитува секоја одлука на белгискиот суд во врска со Пуџдемон

Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска  изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на белгискиот суд во врска со барањето на Шпанија за екстрадиција на разрешениот каталонски лидер Карлес Пуџдемон и четворица негови министри кои се наоѓаат во Брисел.

Рахој на маргините на Самитот на ЕУ во Гетеборг рече дека почитувањето на независноста на правосудството и прифаќањето на судските одлуки претставува основен принцип на ЕУ и дека не би било добра идеја тоа сега да биде доведен во прашање.

- Од мене нема да слушнете, без оглед на тоа што и да се случи, ништо освен почитување на одлуките на правосудните институции во случај на екстрадиција, рече Рахој.

Белгиски суд денеска не донесе одлука за европскиот налог за апсење на разрешениот претседател на каталонската Влада, Карлес Пуџдемон, што го издаде Шпанија, соопшти неговиот адвокат Пол Бекерт. Белгискиот обвинител побара налогот да се спроведе, но одлуката за случајот ќе биде донесена следниот месец. 

Белгискиот суд денеска првпат заседаваше за европската потерница за апсење на Пуџдемон, издадена од Шпанија.