Свет
12. April 2019 - 11:15

Рафаел Кореа го нарече Морено предавник поради апсењето на Асанж

Поранешниот претседател на Еквадор, Рафаел Кореа, кој од 2017 година живее во егзил во Белгија, го обвини неговиот наследник претседателската функција Ленин Морено, дека е „најголемиот предавник во јужноамериканската историја“ поради апсењето на Џулијан Асанж.

Кореа реагираше на Твитер по веста дека британската полиција добила пристап до Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде седум години се криеше основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

– Најголемиот предавник во еквадорската и латиноамериканската историја, Ленин Морено, и дозволи на британската полиција да влезе во нашата амбасада во Лондон за да го уапси Асанж. Морено е корумпиран човек, но ова што го стори е злосторство што човештвото никогаш нема да го заборави, напиша Кореа.

Еквадорските власти истакнаа дека одлуката за одземање на дипломатскиот азил на Асанж била суверена поради нарушување на меѓународните конвенции и протоколот за соживот од страна на основачот на Викиликс.

Морено важи за поблизок до САД од неговиот претходник, Кореа, кој две години живее во егзил во Белгија, откако заврши неговиот претседателски мандат и властите во Кито го гонат со меѓународна потерница за киднапирање на поранешен еквадорски опозиционер Фернандо Балда.
Рафаел Кореа е оженет со Белгијка и студирал на белгискиот универзитет УЦЛ во Лувен.