Македонија
8. January 2019 - 13:38

Радовиш и бугарскиот Тетевен ќе реализираат заедички проект

Општините Радовиш и Тетевен од Република Бугарија годинава ќе реализираат заедничкиот проект „Заедно создаваме подобра иднина”, финансиран од ЕУ програмата „Европа за граѓаните“.

Двете збратимени општини заеднички аплицираа за добивање на овој проект.

-Едната насока од проектот е „Промовирање на меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање“, чија главна цел е да се воспостават врски и заедничка основа меѓу различни култури, заедници и луѓе, овозможувајќи им да учествуваат во заеднички активности. Другиот дел е „Дебата за иднината на Европа и евроскептицизмот”. Граѓаните од двете општини ќе добијат можност да кажат каква Европа сакаат, информираат од општина Радовиш.

Проектот е со вкупна вредност од 22.175 евра. Во активностите е планирано да учествуваат повеќе од 450 граѓани-претставници од локалниот бизнис сектор, угостителски работници, младински организации, ученици и просветни работници, претставници од културни установи и здруженија и други организации од збратимените општини.

Сите активности поврзани со проектот ќе се одржат на територијата на општина Тетевен во јули годинава.