Македонија
1. December 2017 - 16:04

Радика пред излевање кај Ростушки Мост, поради одрони се препорачува внимателно возење

Обилните и интензивни врнежи од дожд го преполнија коритото на река Радика и таа е пред излевање кај месноста Ростушки Мост.

- Дотекот на вода во Радика е за неколкупати зголемен. Засега нема излевање од коритото, но проблем претставува безбедноста на мостовите, посебно кај селото Јанче, поради големите гранки кои ги носи водата со себе, изјави Диди Џафери од општина Маврово Ростуше, одговорен во Секторот за заштита и спасување.

Радика излевање

Проблем, додава тој, имаме во селото Жировница, поради надојдената Жировничка Река, која минува низ селото а се влева во Радика. Повеќе домови се во опасност поради што препорачано им е на жителите да се дислоцираат.

Во подрачјето на Река, во одредени периоди доаѓа до прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Зголемување на дотекот на вода има кај сите реки кои се влеваат во Радика, а со тоа и зголен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ што условува ХЕ „Шпилје“ да работи под полн капацитет.

Сепак, поради конфигурацијата на теренот, во подрачјето на Река и општина Дебар нема опасност од поплави.

Од дебарската секција на „Македонија пат“, потврдуваат дека на патнот правец Дебар-Маврово има појава на чести но помали одрони од камен и земја. Нивни екипи се постојано на терен во расчистување на истите, но сепак препорачуваат многу внимателно возење.