Радев води со 24,9 отсто на претседателските избори во Бугарија
Независниот кандидат Румен Радев, кој ја има поддршката на најголемата опозициска сила во Бугарија, Бугарската социјалистичка партија (БСП), освои најмногу гласови на претседателските избори, 24,9 отсто.
На второ место е Цецка Цачева, кандидатот на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на премиерот Бојко Борисов и актуелната претседателка на бугарското Народно собрание, со 22,3 проценти, покажаа првите прелиминарни резултати.
Доколку овие резултати бидат официјално потврдени, Радев и Цачева ќе ги одмерат силите во вториот круг од изборите на 13 ноември.
Радев синоќа во првата реакција по изборите изјави дека народот гласал за промени.
- Народот и кажа „не“ на апатијата и гласаше за промени, порача 53-годишниот Радев, поранешен генерал и пилот.
Радев изјави дека се залага за „побезбедни, поефикасни институции, подобар животен стандард, искоренување на корупцијата, картелите и монополистите и чесна реформа на правосудството“.
Борисов претходно изјави дека доколку Цачева не биде прва во првиот круг на гласањето, ќе побара предвремени избори.
За нов петгодишен мандат за претседател се натпреваруваа 21 кандидат.
Предизборната кампања претежно беше фокусирана на иднината на Европската унија, односите со Русија и заканите од потенцијалното зголемување на приливот на мигранти од соседна Турција.
Гласањето на претседателските избори прв пат е задолжително.
Претседателот на државата воглавно има церемонијална функција и иако како шеф на државата нема извршни овластувања, туку сите поважни политички одлуки мора да ги одобри Парламентот, фактот дека се избира на директни избори му дава поголемо влијание и поголем авторитет.
Тој раководи со вооружените сили, именува амбасадори и шефови на разузнавачки и безбедносни служби, потпишува меѓународни договори и може да стави вето на законите.
Ново на Сител
-
Неврохирург со амбиција за промени во општеството | Венко Филипче | Неформално | Sitel Podcast 028
-
Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка
-
Поради одржување предизборни митинзи в сабота и недела изменет режим на сообраќај во Скопје
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација