Македонија
27. October 2021 - 16:33

Радев на средба со Бугарите од Македонија најавува нова политика кон Скопје

Заштитата на правата на Бугарите од Македонија станува приоритет за Софија. Бугарскиот претседател Радев денеска во својот кабинет ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и им соопшти – силно ве поддржуваме во борбата за рамноправност.

Бугарија ќе се раководи од вашата воља и желба, порача Радев, најавувајќи нова политика кон Македонија која ќе се темели на благосостојбата на Бугарите во земјава.

“”Бугарија како општество и како држава започнува важна, позитивна промена во односите со Македонија. Досега тие односи се развиваа на релација Софија – Скопје и нашите сонародници беа изолирани во голема мера од политичкиот процес на донесување на решенија. Веќе не е така. Бугарија решително застанува зад вас во борбата за рамноправност со другите народи во Македонија”.

За првпат примени на вакво високо институционално ниво, македонските Бугари задоволни што бугарската држава позитивно реагирала на нивната декларација со која побараа заштита од политичарите во Софија.

Сметаат дека основата на проблемот се крие во негирањето на историската вистина во Македонија. 

“Сакаме да бидеме правилно разбрани. Многу е тешко да водиш разговор со прво или петтоодделенец, кој кога ќе се врати дома кај родителите или дедото ќе објаснува како неговиот народ во училиште го нарекувале татаро-монголски, фашисти, окупатори, а истовремено, тоа дете да знае дека е бугарче по потекло”.

На средбата беше присутна и потпретседателката на Бугарија Јотова. Немаше пофални зборови за Договорот за добрососедство кој го оцени како премногу општ, а мешовитата историска комисија како нефункционална и без мандат да носи политички одлуки.