Балкан
6. October 2022 - 20:20

Радев: Бугарија има потреба од привремено решение до пристигнувањето на американските авиони „Ф-16 Блок 70“

Бугарскиот претседател, Румен Радев, на состанокот на Европската политичка заедница во Прага коментираше дека на неговата земја има потребна од привремена платформа на авиони ловци за да не се прекине воздушната и вселенската безбедност, јавуваат локалните медиуми.    

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев одговори дали преодната бугарска влада побарала да купи 10 авиони „Грипен“ од Шведска до пристигнувањето на осумте борбени авиони „Ф-16 Блок 70“ од САД. Радев изјави дека веќе се спроведува договорот со САД за набавка на осум плус уште осум нови авиони Ф-16. Тој посочи дека се испратени меморандумски писма, дека се одржуваат средби меѓу тимовите на министерствата за одбрана на САД, Франција, Шведска, Холандија и Израел.

Радев додаде дека не бараат половни авиони од компании, туку од министерствата за одбрана на овие земји. Радев потсети дека уште во март, за време на самитот на НАТО, изјавил дека на Бугарија и треба овие авиони и дека овој проект почнал уште тогаш, бидејќи Бугарија не може да си дозволи да се откаже од заштитата на сопственото небо до пристигнувањето на американските авиони „Ф-16“.