Македонија
14. јуни 2018 - 13:47

Радев: Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција

Бугарија е многу загрижена од ескалацијата во Македонија во врска со договорот за новото име на државата, рече бугарскиот претседател Румен Радев на денешната прес-конференција во Софија по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Радев го повика Иванов да не биде само учесник, туку и водач во дијалогот меѓу институциите во Република Македонија, бидејќи, како што истакна, тоа е важен услов за постигнување на стратешките приоритети - членство во ЕУ и НАТО.

- Бугарија го прифаќа договорот меѓу Македонија и Грција за името, особено заради тоа што ќе ги отстрани пречките на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО, рече Радев.

Бугарската поддршка на договорот за името, како што истакна, е поврзана со стриктно почитување на договорите што Скопје и Атина ги имаат со Софија.

Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов во Софија требаше да се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, но средбите во последен момент беа откажани.

- Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашиот сосед. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Македонија. Бугарската Влада не гледа причина да биде искористена за внатрешно-политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа да не се доведува во прашање, се наведува во соопштението од Владата на Бугарија.