Свет
29. January 2016 - 13:36

Рачна бомба фрлена врз центар за бегалци во Германија

Непознат сторител во текот на минатата ноќ фрлил рачна бомба врз центар за сместувње за бегалци во местото Шварцвалд Бар Крајс во германската сојузна покраина Баден Виртемберг.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, бомбата не експлодирала, најверојатно поради проблеми со детонаторот, по што полицијата спровела контролирана експлозија.

Во овој бегалски камп се сместени околу 170 баратели на азил.

Засега нема осомничени лица за нападот кој е 69 по ред во покраината Баден Виртемберг од почетокот на 2015 година.

Во Германија вкупно минатата година имаше над 800 напади врз бегалци, од кои најголем дел се опожарувања на бегалските центри за сместување.