Бизнис
29. September 2020 - 16:36

Работодавачите бараат професионалци наместо етнички субвенционирани вработувања

Политиката да се тргне од бизнисот, а партиските кадри од администацијата. Место да има само за професионални и стручни лица, а не партиски војници или вработени под етнички клуч. Приоритет за стопанствениците е квалификуваноста, а не националноста. Изјавата на вицепремиерот Груби за државно субвенционирање на приватните фирми кои ќе вработат лица од друг етникум, ја сметаат за само една несреќна изјава.

- Тоа е спротивно на Меѓународната Конвенција за вработување која Македонија ја има ратификувано, а се однесува на дискриминација. Под дискриминација се подразбира или спречување некој да се вработи врз база на пол, раса или националност или пак привилегираност на некој друг да се вработи. Така што, Македонија не смее по тој основ нешто да направи, изјави Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.  

Вицепремиерот Битиќи, кој за една недела два пати го смени ставот -  денеска се врати на првичниот  – идентичен како на премиерот Заев. Ќе се залага за пазарна економија, каде има место само за професионалци.

- Јас се залагам за конкурентна економија, каде ќе има место само за професионалци, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања.

За полесно водење бзинис, Владата ќе се залага за минимализација на бирократските процедури. Во моментов бизнисот губи 154 часа годишно само трчајќи од шалтер на шалтер. Иако дел од институциите се дигитализрани, се уште има многу кои бараат хартии.  

- Претпријатијата се основна клетка на економијата, а државата и државната регулација треба да и дадат „кислород“ и потребни услови самостојно да се развива, наместо да ја гушат и ограничуваат, изјави Никица Мојсоска, извршен директор на Македонија 2025.

Простор за подобрување има, пред се кај даноците и пензискиот фонд.

На пример, унапредување на системот на е-даноци, вклучително и на ИТ систем (решавање на преоптовареност), подобрување на квалитетот на податоци во ФПИОМ, управување со отпад, статистички извештаи итн. Компаративно сме најслаби во категоријата за промени на законска регулатива, што е поврзано со чести измени на закони, кус период за прилагодување за компаниите и недоволно консултации пред носење на измените, изјави Сашо Клековски аналитичар.

За компаниите е важен и односот на бирократите, односно административните. Ако фирмите се маратноци, бирократите или ќе ги бодрат или ќе им стававаат пречки. За да ги бодрат, односно да им бидат поддршка, велат дека не треба да бидат партиски поставени на функцијата, туку да си ја знаат работата.