Македонија
21. January 2022 - 16:38

Работните групи со подготвен план ги стартуваат разговорите со Бугарија

Работните групи помеѓу Македонија и Бугарија имаат веќе утврдена агенда и динамика на работа. Четири дена пред првата меѓувладина седница веќе е утврден и составот и фокусот на разговорите. Секоја од 4-те работни групи ќе се среќава еднаш месечно, наизменично во Скопје и Софија.

Министерот Бектеши кој е еден од ко-претседавачите со групата за економија, трговија и иновации вели дека ова е еден од секторите во кој лесно може да се дојде до конкретни решенија.

- Во делот на економијата, трговијата, енергијата ги направивме сите подготовки. Ќе одиме во понеделник, вторник во Република Бугарија со конкретни предлози и конкретни договори и меморандуми што би ги потпишале. Ќе ја слушнеме и нивната страна кои се нивните предлози и најверојатно во делот на економијата можеме многу лесно да се усогласиме, рече Бектеши.

Во фокусот на работната група за инфраструктура, траспорт и поврзување ќе биде зајакнување на прекуграничката соработка, железничкото, авио и патното поврзување на двете земји, но и отворањето на гранчниот премин Клепало што се најавува повеќе години. Министерот Милевски вели дека очекува успешна соработка со своите бугарски колеги, покрај министри, во работните групи очекува да бидат вклучени и експерти од овие сектори, па дури и опозицијата.

Истото го потврдуваат и од кабинетот на вицепремиерот Маричиќ кој ќе ја предводи групата за европска интеграција и зелени политики, од каде изразуваат надеж дека оваа атмосфера на зближување ќе донесе придобивки за граѓаните од двете земји. 

Сите останати детали членовите на работните групи ќе ги договараат на подготвителни седници пред почетокот на првата меѓувладина седница која во вторник ќе се одржи во Софија и  која ќе ја предводат двајцата премиери Петков и Ковачевски.