Македонија
30. April 2019 - 16:17

Работниците тешко ги остваруваат своите права, синдикатите немоќни да ги заштитат

Работничките права во Македонија, се уште во одреден дел наголемо се кршат. Дел од работниците се уште работат на црно, без соодветни услови, без право на годишен одмор и исплата на К-15. Работниците никој не ги заштитува. Цели сектори како текстилниот, кожарскиот, земјоделскиот и градежниот, како и новите странски инвестиции се комплетно без функционални синдикати, а и таму каде што ги има синдикатите не функционираат. Според експертите работниците воопшто немаат доверба во синдикатите.

„За мене е спорно прашањето дали можи да има 10 до 15 гранкови синдикати, со гранкови лидери, а да не може да се остварат правата на работниците. Ние имаме повеќе синдикалнии лидери, отколку што имаме синдикални членови“, изјави Тони Јовески, адвокат и експрет за работнички права.

И инспекторите за труд признаваат дека секојдневно имало пријави од страна на работниците за кршење на правата.

„Работодавачите ги држат работниците непријавени, без договор, без да ги осигураат во задолжително социјално осигурување, ги држат на работа подолго од полното работно време, не им овозможуваат користење на годишен одмор, а многу често и на неделен и дневен одмор“, истакна Моника Митревска Костовска, државен инспектор за труд. ( 22.04.2019 )

Здруженијата на граѓани кои се занимаваат со оваа проблематика бараат новиот закон конечно да започне да ги штити работниците.

„Репрезентативните синдикати да немата право да одлучуваат за судбините на работниците туку да дозволат тука се вмешаат и граѓанските организации кој што реално работат на терен“, изјави Кристина Ампева, здружение „Гласен Текстилец“.

Поради кршењето на работничките права и непочитувањето на законот за здравје и безбедност при работа имаме се повеќе повреди на работниците.

„Само лани имавме 123 случаи од кои 33 случаи завршија со смрт, тоа е доволен аларм да се вклучат институциите повеќе“, кажа Рубинчо Аризанкоски, здружение „Достоиинствен работник“.

Поради се поголемиот недостиг на работна сила експертите препорачуваат дека сега е вистинскиот момент за синдикално организирање.

„Пред се преку колективно договарање во кое на писмено ќе бидат внесени сите права и обврски како на работниците така и на работодавачот“, додаде Тони Јовески, адвокат и експрет за работнички права

Голем дел од раководствата на синдикатите во моментов се приклонети кон политичките партии, за да се возобноват синдикатите и нивната моќ експертите предлагаат тие да се отворат за млади некомпромитирани кадри.