Балкан
15. December 2016 - 9:44

Работничките лидери во политиката

(Не)моќта на синдикалните изборни листи

Политика - Белград

Асоцијацијата на слободни и независни синдикати (АСНС), како дел од Демократската опозиција на Србија (ДОС) учествуваше во уривањето на Слободан Милошевиќ, а во 2012 година отворено ја поддржа Либерлано демократската партија (ЛДП), синдикатот „Слога” во 2014 година застана зад Демократската партија (ДС), а Обединетиот грански синдиката (УГС) „Независност” најавува самостојно учество на следните локални избори.

- На локално ниво сакаме да провериме колку некоја синдикална или граѓанска листа е опција која може да ги оствари нашите цели. Транзициска Србија веќе одамна стана место каде синдикатите влегуваат во коалиција со партиите за да стекнат политичко влијание, но ако некои од нив самостојно настапат дури и на локални избори, би делувало како изненадување на збунетата и поделена домашна левица, изјави новиот претседател УГС „Независност” Зоран Стојиљковиќ, најавувајќи ја можноста  синдикатот да се кандидира на локално ниво паралелно со постоечките партии.

Тоа изгледа како отстапување од традициите воспоставени веднаш по 5 октомври, кога тогашниот лидер на АСНС, Драган Миловановиќ стана министер за труд, бидејќи „неговиот” синдикат како дел од ДОС, учествуваше во уривањето на Слободан Милошевиќ.

Затоа како исклучок од правилата делуваа најавите од 2011 година, кога беше спомнувано дека Сојузот на самостојните синдикати на Србија би можел и самостојно да се кандидира како група на граѓани.

Од друга страна, АСНС во 2012 година отворено ја поддржа ЛДП, додека „Слога” во 2014 застана зад ДС. За разлика од тие примери, минатата пролет на последното гласање за состав на Собранието, најголемите синдикати сепак останаа на страна.

Стојиљковиќ за „Политика” истакнува дека причината за потенцијално излегување на локалните избори пред се е одраз на незадоволство на актуелната политичка понуда.

- Разочарани сме од она што останува од предизборните ветувања. Не постои доверлив политички партнер. А влијанието на големите синдикати, за жал, е помало од најмалата партија во некоја коалиција во Собранието. Затоа на локално ниво сакаме да провериме колку некаква синдикална или граѓанска листа е опција која може да ги оствари нашите цели. Ќе понудиме соработка и во другите сидникални и граѓански организации, наведе Стојиљковиќ, за кој „влезот во големата политика”, т.е. настапот на парламентарните избори за сега не е толку реален, бидејќи тоа е „бришан простор каде веќе постојат етаблирани партии”.

И додека во „Независност” јасно отфрлаат било каква соработка со партиите, поранешната пратеничка Ранка Савиќ, која како претседателка на АСНС на листата на ЛДП во 2012 година влезе во Собранието на Србија, верува дека тоа до тогаш бил единствен начин активно да се бори за основните цели, како и дека во светот не постои аполитичен синдикат.

- Јасно рековме дека од внатре во ваков тежок систем можеме да направиме нешто. Во клубот на пратеници на ЛДП имав автономија во однос на членовите на партијата. А местото во Собранието ни овозможи 37 амандмани на АСНС да бидат прифатени. Зад говорницата во Парламентот можев да укажам дека некои работи не можат да се решат како што првично ги замислил законодавецот. Одговорно можам да тврдам дека ја спречивме ликвидацијата на „Железарата“ во Смедерево. Откако дознав за тоа, го информирав тамошниот синдикат и беше организиран протест. Конечно, имавме една од најдобрите канцеларии на народен пратеник, наведе Ранка Савиќ.

И денес актуелната претседателка на АСНС потсетува дека тој синдикат на изборите од минатата пролет не поддржа ниту една партија, иако се шпекулираше дека повторно ќе застанат зад ЛДП.

- Тоа беше премногу комплицирано да постигнеме договор со кој било  и по секоја цена да одиме на избори. Наспроти тоа што три политички партии ни нудеа пратеничко место, додава Ранка Савиќ.

Синдикатите, без оглед на тоа што имаат право и обврска да учествуваат во политичкиот живот, треба да се држат што подалеку од власта, верува професорот Дарко Маринковиќ, директор на Центарот за индустриски односи.

За него најдобро е решението социјален дијалог да се гради така што синдикатите ќе настапуваат целосно независно, во однос на другите две страни – работодавците и државата. На прашањето дали беше погрешно што еден синдикален лидер по 5 октомври стана министер, Маринковиќ одговара дека тоа е неприфатливо.

- Иако дури и тогаш можеше да се бара оправдување, бидејќи ДОС личеше на едно општествено движење здружено поради уривање на власта на Милошевиќ. Но во средено општество, со повеќепартиска демократија, тоа не оди. И сите претходни обиди од тој вид завршуваа со негативни последици по синдикатите и самите работници. А што се однесува до самостојно учество на изборите, не може да се седи на две клупи. Бидејќи ако синдикатот влезе во кандидатура на избори од кое било ниво, ја напушта позицијата на синдикат, вели Маринковиќ за нашиот весник.

Зоран Стојиљковиќ меѓутоа истакнува дека Србија е атипична средина и дека за тоа се неопходни нетрадиционални решенија. Тврди дека „Независност” нема намера по секоја цена да влегува во политиката и да биде само една од многуте понуди.

- Просторот на политиката и треба да се пополнува и партиите да се исфрлат од сферата која не им припаѓа, да се спречи поделба на пленот, партиското вработување... Нешто што практично треба да доведе до тоа пред изборите да обрнете внимание и да проверите кого го усреќил некој кој се кандидира, седејќи во надзорните одбори. Сериозно ќе ги тестираме нашите капацитети и откако ќе бидеме сигурни дека можеме нешто да промениме во квалитетот на животот, ние ќе се кандидираме. Инаку, не гледам што е толку револуционерно и субверзивно во барањето за пристојна работа под договор, вели Стојиљковиќ.

Дарко Маринковиќ верува дека токму во Србија се случила противречна ситуација, дека во земјата која со децении е градена на самоуправување и власт на работничката класа, нема социјално ориентирана партија која би успеала да добие посериозна поддршка од гласачите.

- По падот на Берлинскиот ѕид тука на институцијата на работничките права се даваше негативен предзнак, поврзуван со стариот социјализам. На синдикатите остана да ги штитат правата, но изненаден сум што тие и самите се покажаа како многу конзервативен дел од општеството, со малку промени од времето на еднопартизмот. Се се сведува на прашањето дали синдикатите денес се во состојба да изведат 100.000 луѓе на улиците? Не велам дека треба тоа сега да го прават, само дали ја имаат таа општествена моќ. За тоа време, во една Франција, каде во членството на синдикатите се само осум отсто вработени, кога тие ќе повикаат на протест на улиците излегуваат два милиона луѓе, заклучува Маринковиќ.

Ново на Сител