Македонија
31. March 2016 - 12:28

Работилница за здрава храна во градинките во Гостивар

Во градинката „Пролет” во Гостивар претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство ги презентираа основите на исхраната, безбедноста на продуктите и личната хигиена како предуслов за добро здравје. На работилницата присутвуваа заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство Абдулезел Догани, и претставници од локалната самоуправата на Општина Гостивар.

Децата од предшколска возраст се запознаа со придобивките од здравата храна и учеа што е здрава храна, кои производи содржат витамини потребни за нивното здравје, што треба да јадат и која храна да ја избегнуваат.

Работилницата ја организраше Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на проектот „Од фарма до трпеза, од нива до вилушка“ чија цел е едукација на населението за правилна исхрана.

- Досега имаме одржано 15-тина работилници во општина Центар и Кисела Вода, а сега на ред е општина Гостивар. Со овој проект сакаме на децата да им помогнеме како да се хранат и како да се заштитат. При тоа им укажажуваме и на кој начин да пријават кај воспитувачите или родителите кога ќе почувствуват тегоби и на тој начин да превенираме последици по нивното здравје, рече  Абдулезал Догани, заменик директор на Агенција за ветеринарство и храна

Директорката на градинките Наташа Саздова, информираше дека во гостиварските градинки децата добиваат два оброка и ужинка и нагласи дека со оглед на тоа дека се работи за најмладата популација, храната и менито се подготвуваат според посебни критериуми и стандарди.

Со денешната работилница за здрава храна во градинките „Пролет“ и „Цветови“ во Гостивар беа опфатени стотина деца од групите на македонски и на албански јазик.