Македонија
12. May 2016 - 13:54

Работилница за препознавање на дискриминација врз основа на хендикеп

Подигнување на свеста и запознавање на граѓаните со хендикеп со концептот на недискриминација, со тоа каде и кога можат да побараат заштита и кои се најефективните механизми за заштита од дискриминација, има за цел денеска одржаната работилница „Препознавање на дискриминација врз основа на хендикеп“.

Работилницата ја организира „Полио плус“ заедно со Македонското здружение на млади правници по повод неделата на европското движење за независно живеење и достоинство на граѓаните со хендикеп.

Елена Кочоска од движењето „Полио плис“, рече дека кај нив континуирано се обраќаат граѓаните со хендикеп, но и родителите на децата со хендикеп, кои во секојдневието се соочуваат со дискриминација, маргинализација и сегреграција. 

- Најчесто ја препознаваат дискриминацијата во областа на вработувањето, но преку разговори може да видиме дека тие се соочуваат со дискриминација во секојдневниот живот и во сите области, вклучувајќи го образованието кое е еден од најзначајните елементи за наше вклучување на еднаква основа со останатите граѓани, рече Кочоска.

Посочи дека лицата со хендикеп доколку почувствуваат одредена форма на притисок или вознемирување треба да се обратат до организациите, кои понатаму заедно со останатите институции кои работат на полето на заштита од дискриминација можат да покренат одредена акција во заштита на нивните права.

Координаторот на проектот Јасна Аранѓеловиќ Оровчанец, рече дека македонското здружение на млади правници работи во полето на заштита од дискриминација веќе шест години и има поддржано над 30 постапки.

- Најчесто се обраќаат по основ на дискриминација во работните односи и системската дискриминација која постои на граничните премини. Од нив, досега во околу седум случаи е утврдена дискриминација. Лица со ментална и телесна попреченост се обратиле за помош околу пет до шест пати, рече Аранѓеловиќ Оровчанец.

Појасни дека околу механизмите за заштита од дискриминација постои Комисија за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и судовите, кои досега се најефективен механизам. За тоа посочи дека постои утврдена дискриминација во Основниот суд во Делчево, на лице со телесна попреченост, каде што општината била должна да изгради тротоар и рабници.