Македонија
28. March 2016 - 13:47

Работилница за подобри услуги на лицата со попреченост во Ресен

Согледување на потребите на лицата со попреченост и поставување стандарди во давањето услуги е целта на работилницата „Од замисла до услуга - креирање услуги во функција на поединецот“, што денеска се одржува во Ресен, како дел од проектот „Општинско корисна работа“ што го спроведува УНДП во Македонија.

Целна група на работилницата, според постојаниот претставник на УНДП во Македонија, амбасадорката Лујза Винтон, се лицата и децата со попреченост.

- Ќе се разгледа дизајнот и начинот на кој се концепираат услугите, да се направат поуспешни и поефективни и да бидат подобри за крајните корисници. Целта на работилницата е да се погледне од перспектива на крајните корисници, што е она што навистина им треба или како што кажуваме ние да се биде еден ден во нивните чевли, истакна Винтон.

Според неа, најголем успех од досегашната реализација на проектот имало во општина Ресен и токму затоа работилницата се одржува во овој град.

- Сметаме дека најголемиот успех се постигна токму во оваа општина, каде лицата и децата со попречености не само што беа вклучени во секојдневните активности и активностите не подразбираа само добротворни работи, туку беа вклучени во животот на општината, рече Винтон.

За градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски работилницата ќе помогне за прецизно оформување на претстојните апликации кои ќе овозможат креирање на сервиси за деца и возрасни со посебни потреби. Општината, посочи тој, минатата година заедно со УНДП се посветиле на воспоставување сервисни услуги за лица со посебни потреби, со што услуги добиле над 40 лица од Ресен, а проектот се реализира и годинава.

- Услуги добија над 40 наши сограѓани. Беа воспоставени нови стандарди со кои се подигна квалитетот на секојдневните услуги што овие лица ги добија во општина Ресен. Овоможувањето услови од лични асистенти, психолози, физиоетрапевти и помош при административно правни активности кои се спроведуваа преку проектот „Општинско корисна работа“ во Ресен во минатата година и денеска е активна. По завршувањето на шестмесечниот проект давателите на услуги продолжија со работа под покровителство на Општина Ресен, информира Стрезовски.

Проектот, додаде тој, е од исклучително значење за сите локални заедници. - Овие проекти овозможија не само давање услуги, туку и вклучување на целата локална заедница која преку разни донации во опрема овозможи квалитетот на услугите на биде на повисоко ниво. Општина Ресен планира овој проект да го продолжи и во 2016 година со цел поставените стандарди во давањето услуги на нашите сограѓани кои имаат различни попречености да се почуствуваат како дел од нашата локална заедница, еднакви со нас, рече градоначалникот Стрезовски.