Македонија
12. February 2016 - 10:12

Работилница за конфискација на нелегално стекнат имот во случаи на корупција

Судии од скопскиот Основен суд 1, обвинители кои се специјализирани за борба против организиран криминал и претставници од Државната комисија за спречување корупција и Агенцијата за управување со одземен имот учествуваа на петдневна работилница за конфискација на имот во случаи поврзани со корупција.

Работилницата, чија цел беше подобрување на локалниот систем за конфискација, ја водеа двајца германски експерти за конфискација на нелегално стекнат имот, Јохан Подолски и Роланд Бајер. 

- Конфискацијата е важна, ако не и најважниот дел од општата борба против корупцијата во секоја земја. Целта на борбата против корупцијата не е само да се обвинат и осудат криминалците, туку и да се поправи нанесената штета од нивните злодела и да се задоволи јавниот интерес. Секогаш се очекува судскиот случај за корупција да заврши со успешна и ефективна конфискација на нелегално стекнатиот имот, изјави Подолски.

Работилницата за конфискација на имот е спроведена како активност во рамките на ИПА Твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, што е финансиран од Европската унија. Проектот го спроведуваат Сојузната германска канцеларија за администрација и Државната комисија за спречување на корупцијата, со цел подобрување на антикорупцискиот систем во државата.