Македонија
21. April 2016 - 15:53

Работилница за „Говор на омраза“ на штипскиот Правен факултет

Политичкиот говор на омраза во земјава исплива на површина преку протестите, собирите, дискусиите и информациите кои се објавуваат на социјалните мрежи и веб порталите, а кои законски се уште не се дорегулирани, рече на денешната работилница пред студентите на Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип,  универзитетскиот професор Страшко Стојановски.

Тој упати и апел до политичарите и медиумите да бидат внимателни  и умерени во  изјавите и како информираат од протестите, за да не се потикнува говорот на омраза, кој може да предизвика насилство и криминал од омраза.

- Конкретно во овие процеси видовме говор на омраза што е насочен кон одредени групи без разлика дали тие групи се со политичка пролиферација или се некакви професионални групи, Невладини организации. Но мора да напоменеме дека иако говорот на омраза се однесува на колективитет значи на некаква група. Кога имаме дисквалификација која е што е проследена со дехуманизација особено на јавни личности, на политички лидери истата може да биде проектирана и во однос на нивните следбеници, нели знаеме дека во политичка смисла многу од следбениците во рамките на политичките партии и граѓанските движење се поистоветуваат со лидерите и може да имаме поистоветување, кое што може да ексалира понатаму, вели Стојановски.

Тој додава дека поделбата во овој случај на патриоти и предавници може да предизвика говор на омраза и тензии, како што се и конкретните примери преку уништување на спомениците, без разлика дали се нови  или се заштитетни, како споменици на културата.

Студентите од повисоките години на Правниот факултет денеска пред своите колеги од прва година и на учениците од штипската Гимназија им ги презентираа резултатите од истражувањето за говорот на омраза, но и како истиот да се спречи.

Александар Симонов студент на Правниот факултет вели дека во моментов говорот на омраза е најприсутен на социјалните мрежи, бидејќи луѓето кои во реалниот свет не се спремни да го искажат мислењето кон другите, тоа го прават преку социјалните мрежи.

- Екстремни примери во последно време се приметуваат најмногу заради актуелната политичка криза и многу често социјалните мрежи знаат да експлодираат од говор на омраза со политички мотиви и често тоа преминува во екстремни ситуации од навреди, повикување за лишување едни со други и слично. Во оваа политичка криза пак се забележува дека се намалува говорт на омраза меѓу етничките заедници, вели Симонов.

Организатори на денешната работилница посветена на „Говорот на омраза“ се Центарот за правно политички истражувања при УГД-Штип и мисијата на ОБСЕ.