Македонија
18. February 2016 - 18:06

Работилница „Развој на капацитетите на општинските советници“

Претседателите на Советите на општините во Македонија почнаа да се обучуваат за зголемување на ефикасноста во извршување на надзорната, застапувачката и законодавната функција на овие тела од локалната власт. Тоа е целта на проектот „Зајакнување на општинските совети“, чија тридневна работилница се одржува во Струмица. Од Комитетот на советите при Заедницата на единици на локална самоуправа велат дека ова е првпат, повеќе од шеесет претседатели на совети да седнат на заедничка маса.

- По 10 години постоење на Комитетот на заедниците ова е првпат да седнат на заедничка маса, и да се информираат за позначајни теми од нивното работење, во делот на финансирањето, комисиското работење. Сметаме дека Советите се малку запоставени. Тука сме да помогнеме на претседателите на Советите и на советниците да имаат добра соработка и да ја зајакнеме нивната врска со граѓаните кои ги бираат. Повеќето совети одлуките ги носат преку дебата и на крај со заедничка согласност на сите советници, зашто без разлика на политичка партија наша главна цел е услужноста кон граѓаните, истакна Трајче Донев, претседател на Комитетот на Советите при ЗЕЛС и претседател на Советот на Општина Кисела Вода.

Со три и пол годишниот проект треба да се создаде витална врска на отчетност меѓу советниците и граѓаните, која ќе води кон подобрување на локалната демократија и локалната самоуправа во целина. Првенствено преку четири компоненти, и тоа, вмрежување на општинските советници, развој на нивните капацитети, воведување иновации за поефикасно и поефективно функционирање на советите и нивна поддршка преку грантови.

- За нашите совети и советници е многу важно да се запознаат со правата, обврските, должностите, но и да ги зајакнат знаењата и капацитетите при извршување на функцијата. Добро е кога заедно можеме да ги подобриме условите на работа на Советите, истакна претседателот на Советот на Општина Неготино, Јордан Паунов.

Во наредниот период, советниците ќе бидат опфатени во повеќе обуки, меѓу кои за активно учество во буџетскиот процес преку запознавање со финансиските процедури, важноста на нивната улога, запознавањето со Буџетот и други аспекти. Проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој чини над 3 милиони швајцарски франци го финансира Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува УНДП во соработка со ЗФМ.