Македонија
25. February 2016 - 17:51

Работен ручек на Иванов и амбасадорите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на четирите земји-членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорите на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија - Мирослав Рамеш, Јацек Мултановски, Мартин Безак и Јожеф Бенце, на кои Иванов им се заблагодари за личниот ангажман и посветеност во унапредување на односите со Република Македонија.

- Македонскиот претседател го честиташе 25-годишниот јубилеј од формирањето на Вишеградската група и ја поздрави конструктивната улога на В4 како позитивен пример за успешно регионално партнерство и соработка. На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на соработката, за европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и за последните случувања во регионот и во Европа, односно за предизвиците во контекст на бегалската криза, информира Кабинетот на Претседателот ан Република Македонија.

Иванов ја поздрави политиката на В4 за отворени врати на НАТО, нивната континуирана поддршка на европската интеграција на Република Македонија, како и поддршката во справувањето со мигрантската криза. Во таа насока македонскиот претседател ја поздрави и усвоената декларација на самитот во Прага во која беше истакната целосна поддршка за заедничко европско решение на мигрантската криза. 

- Амбасадорите упатувајќи честитки за начинот на кој Република Македонија се справува со бегалската криза, истакнаа дека Вишеградската група и во иднина ќе биде посветена на односите со Република Македонија и ќе ги поддржува напорите за европската и евроатлантската интеграција, особено во текот на словачкото претседавање со Советот на ЕУ, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.