Македонија
7. February 2019 - 16:35

Работата на Гинекологија Чаир ќе зависи од почеток на тендерската постапка за гасификација

 

Ако во рок од 30 дена министерството за здравство почне постапката за промена на начинот на греење во гинекологија Чаир, Град Скопје ќе ја преиспита одлуката за затворање на второто најголемо родилиште во земјава кое поради стариот дотраен котел на мазут го загадува воздухот. Градоначалниокот Шилегов денеска рече дека сеуште не добиле доказ дека е почната некаква постапка.

-По почнување на постапката, ако бидеме запознаени со определена фактичка состојба тогаш може да размислиме за преиспитување на одлуката. Но, не можеме да толерираме неработење на институциите кои на крајот на денот одат на штета на сите граѓани, рече Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

По предупредувањето од Градот Скопје дека на Гинекологија Чаир и се заканува клуч на врата, вчера министерот за здравство најави дека до петок ќе ја почнат постапката за избор на изведувач кој треба да го промени начинот на греење во родилиштето во Чаир.

-За оваа намена, одвоени се 12 милиони денари или околу 200 илјади евра. изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку за намалување на загадувањето Град скопје до понеделник ќе распише оглас за субвенционирање на инвертер клими и други современи уреди за затоплување на домаќинствата со плаќање на половина од цената, ама не повеќе од 15.000 денари. Според Буџетот на градот за оваа намена од 20 милиони денари, прогнозите се дека над 1300 домакинства ќе добијат финансиска помош од градот.