Свет
18. April 2019 - 21:22

Путин: Снимките со Нотр Дам во пламен сите граѓани на Русија ги гледаа со солзи во очите

Снимките од пожарот во Богородичната црква во Париз сите граѓани на Русија ги гледаа со солзи во очите, руските компании се подготвени да се приклучат на обновата на храмот, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

„Сакам да изразам жалење по повод трагедијата што ја снајде Франција во врска со пожарот во Богородичната црква. Без сомнение, оваа црква е не само симбол на Франција, туку и симбол на европската цивилизација, европската култура. На сите ни е жал, го гледавме тоа со солзи во очите“, рече Путин на состанокот со претставниците на францускиот бизнис. 

Тој истакна дека му е познато дека францускиот бизнис ќе помогне во обновата на црквата. „Исто така ми е познато дека оние руски компании кои соработуваат со вас и кои работат во Франција заедно со француските партнери исто така се подготвени да се приклучат на тоа”, истакна Путин. 

Претседателот на Русија изрази увереност дека плановите за обнова ќе бидат реализирани.

Најголемиот пожар во историјата во париската Богородична црква се случи во понеделникот. Се сруши главната кула на црквата, пламенот ја зафати носечката конструкција. Како што соопштија противпожарните служби, структурата на Нотр Дам и главните уметнички дела, како и реликвиите кои се чуваат во црквата, не се оштетени во пожарот.   

Истрагата за несреќата се води во насока на ненамерно предизвикана штета од избивање на пожар. Според зборовите на обвинителот, на прво место е верзијата за случаен карактер на пожарот. Претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека е планирано црквата да биде обновена за пет години. Помош во реставрацијата на црквата и во собирање на средства за таа цел понудија многу меѓународни организации и големи компании.