Свет
23. December 2016 - 13:57

Путин сака конструктивни и деловни односи со Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека сака да гради конструктивни и деловни односи со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и со лидерите  на американската Демокртска партија.

- Многу би сакал со новоизбраниот претседател и со идните лидери на Демократската партија да изградиме деловни и конструктивни односи кои ќе бидат во интерес на САД, на Руската Федерација, како и на народите на двете држави, изјави Путин на традиционалната предновогодишна прес-конференција во Москва.

Како што јави ТАСС, тој нагласи и дека никој освен Русите не верувал дека Доналд Трамп може да биде избран за претседател на САД.

Одговарајќи на прашањето во врска со изјавата на американскиот претседател Барак Обама дека Роналд Реган би се превртел во гробот ако знае дека над една третина од американските републиканци имаат позитивно мислење за Путин, рускиот претседател изјави дека „Реган би се радувал на победата на Републиканската партија на претседателските и на конгресните избори“.

Осврнувајќи се на обвинувањата дека Русија преку хакерски напади придонеле за победата на Доналд Трамп на изборите, Путин одговори дека не е важно кој ги хакирал компјутерите на Демократската партија туку дека некој се обидел да манипулира со јавното мислење во САД.

- Хакерите можат да бидат каде било по светот, изјави Путин, отфрлувајќи ги уште еднаш обвинувањата на Вашингтон дека зад хакерските напади стои Москва.

Во врска со убиството на рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, Путин рече декаа цел на овој акт било да се придонесе за влошување на руско-турските односи, но порача дека тоа нема да има влијание врз пријателството меѓу Москва и Анкара.

Тој потенцира дека Русија и Турција, заедно со Иран и сирискиот претседател Башар ел Асад постигнале договор за одржување мировни преговори за Сирија во казахстанскиот главен град Астана, во обид да се најде решение за конфликтот во оваа блискоисточна земја.

Путин нагласи и дека евакуацијата на цивилите и бунтовниците од Алепо немаше да биде возможна, без помошта на Русија, Турција и Иран, но и без добрата волја на властите во Дамаск.

- Евакуацијата на Алепо претставува најголема хуманитарна акција во современиот свет, порача Путин. 

Осврнувајќи се на случувањата во Украина, Путин оцени дека односите меѓу Мосвка и Киев „порано или подоцна“ ќе се нормализираат. Тој изрази жалење дека нормандискиот формат на преговори за мир во Украина дава слаби резултати, но нагласи дека за сега нема друг механизам за тоа и очекува тој да продолжи да функционира.

Запрашан да го коментира укинувањето на безвизниот режим на ЕУ за Украинците, Путин одговори дека тоа претставува чекор во вистинската насока.

- Сметам дека визниот режим во Европа е остаток од Студената војна и дека тој треба да се укине што е можно побрзо, изјави рускиот претседател.

Путин нагласи дека Русија ќе ги исполни сите нејзини обврски кои произлегуваат од Парискиот договор за намалување на емисиите на штетни гасови.

- Нема сомнеж дека ќе ги исполниме нашите обврски. Во следниот период треба да се зафатиме со прашањата поврзани со  спроведувањето на Договорот, порача Путин.