Свет
16. November 2017 - 11:42

Путин разговараше со украинските бунтовници за можна размена на заробеници

Рускиот претседател Владимир Путин, синоќа телефонски разговараше со лидерите на проруските бунтовници во Украина за можна размена на заробеници со Киев.

Според соопштението од Кремљ, Путин синоќа, првпат по почетокот на судирите во Украина пред три години, разговарал со лидерите на самопрогласените републики во Доњецк и Луганск Александар Захарченко и Игор Плотницки. 

Во соопштението се наведува дека Путин и проруските бунтовнички лидери разговарале за иницијативата на Виктор Медведчук за размена на заробеници меѓу Украина и „народните републики Доњецк и Луганск“.

Захарченко и Плотницки ја поддржале иницијативата на украинскиот политичар Медведчук, кој е еден од претставниците на Киев во преговорите, но важи и за близок до Путин. Бунтовничките лидери изразиле подготвеност да работат со претставниците на Киев за таа идеја.

Медведчук се залага размената на заробеници да се одвива по принципот „сите за сите“. Тој наведе дека Киев е подготвен да размени 306 бунтовници за 74 украински војници и припадници на паравоените формации.

Претходна размена на заробеници се случи во септември 2016 година, кога четворица бунтовници беа разменети за двајца припадници на силите лојални на Киев.

Од април 2014 година, Украина е во судир со проруските бунтовници на истокот на земјата. Киев и западните земји тврдат дека бунтовниците ја имаат поддршката на Русија, а Москва демантира. Во судирот загинаа повеќе од 10.000 луѓе.

Според мировниот договор од Минск од февруари 2015 година, воспоставени се повеќе примирја и во најголем дел запрено е насилството. Сепак, политичкиот договор никогаш не е имплементиран, за што спротивставените страни се обвинуваат една со друга